19 декември 2007

Дебар - Информации за градот Дебар

Дебар е град во крајниот западен дел на Западна Македонија и воопшто на Република Македонија близу до границата со Албанија. Од Скопје е оддалечен 131 km, а најблиски градови до него се Струга (52 km) и Гостивар (71 km). Дебар лежи во југоисточниот дел на Дебарското поле на надморска височина од 625 метри. Истотака Дебар е опкружен со планините Дешат, (Крчин) Стогово и Јабланица. Дебар се наоѓа, до Дебарското Езеро, кое е заезерено на утоката на Радика во Црн Дрим.

Првиот пишан документ што го спомнува Дебар е мапата на Птолемај, направена околу средината на 2 век п.н.е. во која се нарекува Deborus. Византискиот император Василиј II знаел за неговото постоење, додека Феликс Петанчиќ го нарекува овој град Dibri во 1502. Во времето на османлиската империја Дебар бил дел од Битолскиот вилает. На почетокот на 19 век Дебар се побунил против турскиот султан, и во овој период, како што тврди еден француски патеписец - Дебар имал 64 продавници и 4200 жители. На крајот од векот, градот имал 15500 жители, но после Прва Светска војна, овој број се намалил.

Во 17-19 век многу развиена била Дебарската дрворезбарска школа. Нејзините претставници изработиле многу иконостаси во Македонија , Бугариjа, Србија па дури и во Русија. Кон крајот на 18 век, во дебарскиот затвор бил затворен и измачуван од турските власти големиот македонски преродбеник Григор Прличев, кој убаво го има опишано Дебар во својата автобиографија.

Поради својот економски процут, богатството на своите жители и прочуеноста на дебарските мајстори-градители и ѕидари во времето на Отоманската Империја постоела изреката: „Стамбол гори, Дебар го гради“.

Во непосредна близна на Дебар (веднаш после таблата од лева страна) се наоѓа селото Рајчица кое е всушност негово предградие, во кое се наоѓа женскиот манастир Свети Ѓорѓи Победоносец кој е метув на најбогатиот македонски манастир Свети Јован Бигорски. Манастирот е возобновен во 1999 година и денес таму повторно се слави Ѓурѓовден. Во близина на дебарските села Баниште и Долно Косоврасти се наоѓаат познатите Дебарски бањи. Во Дебар сеуште може да се најдат некои изумрени занаети како терзии, дограмаџии и останати занаети кои сеуште опстојуваат и во чаршиите во Прилеп и Битола. Истотака познати се и дебарските мајстори-ѕидари и дебарските тапанџии и зурлаџии.

Најпознати и најголеми стопански капацитети кои вработуваат голем број работници се рудникот и фабриката за гипс „Радика - КНАУФ“ и хидро-централата „Шпилје“. Во Дебар работат и неколку ќилимари чии ќилими често се пласираат на странските пазари. Со осамостојувањето на Македонија и отворањето на границата со Албанија во градот голем развој доживеа трговијата и малостопанството.

Нема коментари: