19 декември 2007

Кавадарци - Интересна статија за Кавадарци

Кавадарци е град во југо-западниот дел на Повардарието.
Се наоѓа во централна Македонија, поточно во Тиквешијата и е воедно и центар на Тиквешијата.

Градот лежи на надморска восочина помеѓу 230 и 270 метри. Во него имаат влијание како Континенталната, така и медитералната клима, при што просечната годишна температура изнесува 13,5 С, (со летна температура преку 40 С, а зимската и до минус 25) За потеклото на името Кавадарци постојат многу легенди, „најсакана“ е онаа за овчарот што си ја барал кравата, а научно гледано името доаѓа од новогрчкиот збор Кавадион - што значи скапоцена наметка.

Кавадарци во пишани документи за првпат се споменува во 16-ти век. Но постоењето на многу манастири од 14-от, 15-от и 16-от век покажува дека населбата Кавадарче, Кавадарџик, Каварџик ... постои од порано.

Првите световни училишта во Кавадаречко биле отворени во почетокот на 17-от век, во населбата Ваташа која денес е сврзана со градот Кавадарци била пренесена првата печатница на Балканот, во Кавадарци е создадена првата република на Балканот (многу порано од Крушевската, но пради своето неспектакуларно создавање и гасење, не многу позната во историјата). Во 1894 год. по иницијатива на Даме Груев е формиран комитет на ТМОРО кој е прв комитет во Македонија по Солунскиот.

Од почетокот на 20от век во Кавадарчко и Тиквешијата делуваат неколку револуционерни организации кои се бореле за осамосталување на Македонија од Османлијската, а подоцна и од српската окупација. На 19.06.1913 година, било дигнато востание и за кратко време биле ослободени Кавадарци, Ваташа, Неготино и голем број на села во Тиквешијата.

Но ова Тиквешко востание накрајот било задушено од српските окупатори и биле погубени околу 500 Тиквешани со што се забележува како најкрвавиот настан во историјата на овој регион. Во 1919 година е формирана кумунистичката партија во Тиквешкиот регион и во периодот до завршувањето на втората светска војна е главен носител на револуционерното движење. Во втората светска војна до ослободувањето на 07.09.1944год.

Кавадарци даде 330 жртви од кој најболни останаа Дванаесетте Ваташки деца. Во најглупата војна од поново време - војните при распаѓањето на СФРЈ, Кавадарци и ако не вклучено директно во војните загуби свои синови како во Словенија така и во Хрватска.

Идеалните географско/метеоролошки услови овозможувале да Тиквешкиот регион се развива како земјоделски крај во кој се одгледуваат голем број на земјоделски култури. Во поново време се издвојува лозаропроизводството.

Но тука исто така е добро познато тутунопроизводството (во периодот на шеесетите и седумдесетите години било произведувано и до 1’000’000 кг. тутун), а плантажите со афион и памук веќе се минато. Со изградбата на браната на Црна река, кај Возарци и создавањето на акумулационото езеро Тиквеш се оди во правец на развивање на земјоделството, а со изградбата на металуршкиот гигант ФЕ-НИ се уништува еколошки чистата средина и несвесно се работи на уништување на овој земјоделски крај.

Демир Хисар - Урбана населба и факти за Демир Хисар

Демир Хисар, или како што во превод го нарекуваат Железна Планина, е област која се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија, или северозападно од Пелагониската низина, околу горниот слив на Црна Река со нејзините притоки.

Во поголемиот дел релјефот е ридско-планински, а мал дел по течението на Црна Река е низински. Посебен знак на одбележување на оваа област се планините Бигла, Илинска и Плакенска Планина, на која што се наоѓа и највисокиот врв од 2000 m., кои што ја одделуваат Демирхисарската област од Преспанско-охридската област. Поради богатството на овие планини со железна руда, и областа го добива името Железник, кое се менувало во зависност од владателите во различни периоди.

Оваа област се среќава како Сидеро Кастрон, што од грчки значи Железна Тврдина, а Демир Хисар е име што Турците го дале на оваа област што би значело Железна Планина. Тоа е името што и денес го носи. Територијата на општина Демир Хисар зафаќа површина од 478 km² и се вбројува во средно големите општини на Р. Македонија, со просечна густина на населението 21,5 жители на km².

Населбата почнува да се развива некаде од средината на декември 1945 година, кога во Демир Хисар е формирана општествено - политичка административна заедница - Околиски народен одбор, прво со седиште во с. Лопатица, а од пролетта 1946 година, по извршената територијална корекција, седиштето е пренесено во село Мургашево, со седиште во стариот Слепчански ан (на местото на денешната автобуска станица).

Демир Хисар како урбана населба, од своето формирање постојано бележи пораст на населението. Така спрема пописот во 1961 г. населбата броела 1129 жители. Во 1981 година имало 2283, а во 1985 - 2633 жители. Тоа докажува дека луѓето од селските населби нагло ги напуштале своите домови и се населувале во Демир Хисар.

Денес, Демир Хисар е урбанизирана населба од градски тип која ги има сите услови на мало градче. Изградена е електрична мрежа, водовод, одводна канализација, асфалтирани улици и поврзана е со современ коловоз со соседните градови Битола, Крушево, Кичево и Прилеп

Демир Капија - Кратко Пократко за Демир Капија

Демир Капија (на турски: Железна Порта, Железна Врата) е мало градче во Ниска Македонија непосредно пред познатата Демиркаписка клисура од левата страна на реката Вардар. Според пописот од 2002 година во Демир Капија живеат 3275 жители.

Главната стопанска гранка во градот и околината е земјоделството особено одгледувањето на винова лоза, житни култури, градинарски култури (црвена пиперка) и тутун. Од другите стопански гранки застапено е ископувањето на песок и камен за градежништвото. Демир Капија е важна железничка станица и се наоѓа непосредно до меѓународниот авто-пат Е-75.

Делчево - Историја на град Делчево

Делчево е град во источниот дел на Република Македонија сместен во котлината Пијанец во близина на границата со Бугарија.

Делчево, според едно предание во византиско време се викало Василево, што преведено од грчки значи Царево Село. За прв пат како населба Царево Село се споменува во една повелба на Цар Душан од 1347 до 1350 година. со неа тој му подарил повеќе места и ниви од Пијанец на манастирот од Лесново. Во турско време Делчево се викал и Султанија.

До 17 век населбата лежела на десната страна на реката Брегалница на денешниот топоним Селиште, поточно под ридот Острец близу до патот што води за Република Бугарија. Од првите векови на турското владеење за положбата на Делчево нема многу податоци. Во средината на 17 век во неговата околина претстојувал султанот Мехмед IV. Во времето на неговата посета на Пијанец врз населението е извршено масовно потурчување. Поради зулумот и притисокот многу македонски населби опустеле, а меѓу нив и тогашното Царево Село. Се претпоставува дека во времето на тој султан населбата е преместена на денешното место на левата страна на реката Брегалница. Како доказ се наведува и градската џамија изградена во 17 век.

Но, на размислување упатува тоа што турскиот патеписец Евлија Челебија тука поминал само неколку години подоцна во 1670 год. и во својот Патепис запишал: “Од Виница се поткачивме на кочанската планинска рудина, движејќи се низ клисурата и по четири часа стасавме во Царево Село. Ова е муслиманско село расположено во полите на една планина и е украсено со околу 100 куќи и една ѓевѓирана со минаре чудесна џамија.

Треба да се спомене и народното предание кое вели дека населбата под ридот Острец се запустила кога владеела болеста чума и преживеаното население се населило на местото каде што денес е Делчево.

Како најстар дел на градот се смета турската колонија што се создала околу џамијата. Според Јаранов, се до 19 век Делчево било село, турска колонија, населена со чистокрвни Турци и голем дел потурчено население, наречено помаци кое не го знаело турскиот јазик. Само неколку фамилии биле македонски.

Кон средината на 19 век почнала да се развива чаршијата и да расте населбата, а воедно и да се зголемува македонското население. Откако се исполнил просторот во Средно маало, започнало ширењето преку Гочо Поток т.е. горно маало или денешен I реон. Во 1863 год. во Делчево имало 75, а во 1873 год. 109 македонски куќи.

Во 1856 година била завршена изградбата на црквата околу која главно било населено македонско население кое бегало од турските зулуми во околните села. Поголемо иселување на македонското нселение од овој крај имало во 1878 год. поради турскиот притисок по Руско-турската војна. Во тоа време имало поголемо населување на турско население од Бугарија, па дури и од Босна и Херцеговина. Околу 150 македонски домакинства од селата и градот се иселиле во Ќустендилско. Придојденото турско население, наречено “Маџирци” се населило во Маџирско маало, денешниот III реон на градот.

На левата страна покрај реката Брегалница, на тесниот рамен простор каде што биле мегданите и ановите, започнала градбат на трговските и занаетчиските дуќани покрај двете тесни улици. Со тоа конечно се формирала чаршијата и Делчево прераснало во градска населба.

За време на балканските војни голем број на турското население го напуштило градот, така што во 1914 година бројот на жители изнесувал 1701. По овие војни дошла нова македонска населеничка струја од околните села, а најмногу од пасивните села Бигла, Селник и Драмче кои ги купувале турските имоти.

Во 1931 год. бројот на населението се зголемило на 3746 жители. По оваа година доброволно продолжило иселувањето на турското население во Турција, особено во 1953 година. Во 1935 година започнале да се градат првите куќи на десната страна на реката Брегалница.

По ослободувањето, на 23 април 1950 година Президиумот на Народното собрание на НР Македонија донесува одлука Царево Село да биде преименувано во Делчево, во чест на Гоце Делчев.

Во шеесетите години градчето се прошири на десната страна на река Брегалница, а во седумдесетите и на ридот Милково Брдо. Со порастот на вработените во работни организации во Делчево, растеше и бројот на населението во него. Денес Делчево е модерна градска населба со широки асфалтирани улици и булевари, канализациона мрежа и со паркови и зеленило.

Дебар - Информации за градот Дебар

Дебар е град во крајниот западен дел на Западна Македонија и воопшто на Република Македонија близу до границата со Албанија. Од Скопје е оддалечен 131 km, а најблиски градови до него се Струга (52 km) и Гостивар (71 km). Дебар лежи во југоисточниот дел на Дебарското поле на надморска височина од 625 метри. Истотака Дебар е опкружен со планините Дешат, (Крчин) Стогово и Јабланица. Дебар се наоѓа, до Дебарското Езеро, кое е заезерено на утоката на Радика во Црн Дрим.

Првиот пишан документ што го спомнува Дебар е мапата на Птолемај, направена околу средината на 2 век п.н.е. во која се нарекува Deborus. Византискиот император Василиј II знаел за неговото постоење, додека Феликс Петанчиќ го нарекува овој град Dibri во 1502. Во времето на османлиската империја Дебар бил дел од Битолскиот вилает. На почетокот на 19 век Дебар се побунил против турскиот султан, и во овој период, како што тврди еден француски патеписец - Дебар имал 64 продавници и 4200 жители. На крајот од векот, градот имал 15500 жители, но после Прва Светска војна, овој број се намалил.

Во 17-19 век многу развиена била Дебарската дрворезбарска школа. Нејзините претставници изработиле многу иконостаси во Македонија , Бугариjа, Србија па дури и во Русија. Кон крајот на 18 век, во дебарскиот затвор бил затворен и измачуван од турските власти големиот македонски преродбеник Григор Прличев, кој убаво го има опишано Дебар во својата автобиографија.

Поради својот економски процут, богатството на своите жители и прочуеноста на дебарските мајстори-градители и ѕидари во времето на Отоманската Империја постоела изреката: „Стамбол гори, Дебар го гради“.

Во непосредна близна на Дебар (веднаш после таблата од лева страна) се наоѓа селото Рајчица кое е всушност негово предградие, во кое се наоѓа женскиот манастир Свети Ѓорѓи Победоносец кој е метув на најбогатиот македонски манастир Свети Јован Бигорски. Манастирот е возобновен во 1999 година и денес таму повторно се слави Ѓурѓовден. Во близина на дебарските села Баниште и Долно Косоврасти се наоѓаат познатите Дебарски бањи. Во Дебар сеуште може да се најдат некои изумрени занаети како терзии, дограмаџии и останати занаети кои сеуште опстојуваат и во чаршиите во Прилеп и Битола. Истотака познати се и дебарските мајстори-ѕидари и дебарските тапанџии и зурлаџии.

Најпознати и најголеми стопански капацитети кои вработуваат голем број работници се рудникот и фабриката за гипс „Радика - КНАУФ“ и хидро-централата „Шпилје“. Во Дебар работат и неколку ќилимари чии ќилими често се пласираат на странските пазари. Со осамостојувањето на Македонија и отворањето на границата со Албанија во градот голем развој доживеа трговијата и малостопанството.

Гостивар - Некои податоци за Гостивар

Гостивар е град во западна Македонија во јужниот дел на Полошката котлина.
Според пописот од 2002 година, градот Гостивар има 35847 жители.

Градот лежи во котлината Полог (Горни Полог) на надморска височина од 510 метри. Во близина на Гостивар во селото Вруток (5 км југозападно од Гостивар) се наоѓа изворот на најголемата македонска река Вардар која тече и низ самиот град кој го дели на два дела ,а истотака во негова близина се наоѓа најголемиот македонски национален парк и cкијачки центар Маврово. Гостивар е на 67 километри одалеченост од Скопје, а од Тетово е 27 километри, Еден е од најубавите градови во Македонија по својата инфраструктура и цистота,

Град кој со голема брзина се гради и станува еден од поубавите градови во Македонија.

Во градот постојат повеќе знаменити објекти (пред се од турскиот период на владеење) како неколку џамии и препознатливата саат-кула во центарот. Исто така на самиот плоштад доминира со својата импозантна големина црквата Света Богородица. Во градот постоела турска бања-амам кој бил срушен, а на тоа место до пред некое време се наоѓаше филијалата на Стопанска Банка (срушена пред неколку месеци).

Стопанската дејност во Гостивар се развива кон крајот на XIX век со формирањето на гостиварската чаршија од занаетчии трговци дојдени од Велес, Кичево, Крушево, Дебар и Тетово. Порано во Гостивар имало многу терзии, опинчари, самарџии, сарачи, казанџии итн. Денес во Гостивар се развиени трговијата, индустријата и стопанството. Познати индустриски капацитети се комбинатот „Силика“, Стакларницата, текстилната индустрија Готекс, кланицата „Горни Полог“, мелничарскиот комбинат Жито Шар, фабриката за доломит „Вардар Доломит“ која е приватизирана пред неколку години и успешно ги пласира своите производи и на странските пазари. Последните години во огромен пораст е трговската дејност. Низ градот има повеќе маркети на гигантот „ГЕТРО“ кој има продавници и маркети и во Хрватска, а во самиот центар на градот до саат-кулата е изграден современ модерен трговски центар „Де Јуре“ на повеќе катови со структурална фасада.

Гевгелија - Кратки информации за Гевгелија

Гевгелиската општина преставува дом на околу 20.000 жители од кој најголемиот број живее во општинскиот центар Гевгелија (15685 жители), лоциран на десното крајбрежје на реката Вардар, на надморска височина од 64 метри. Останатите жители живеат во околните 11 населени места.

Оваа медитеранско подрачје од секогаш представувало значајна крстосница за патниците и стоката кои патувале од Европа кон Блискиот Исток или обратно. Со изградба на железничката пруга Скопје-Гевгелија-Солун во 1873 година и на автопатот Скопје-Гевгелија, таа стана значаен транзитен коридор. Гевгелија се наоѓа на само 70 km од Солун, а на 165 km од Скопје, главниот град на Р. Македонија. Токму поради значакните сообраќајници тука се вкрстуваат патиштата од север и југ, така што Гевгелија представува Европска порта за сите оние кои тргнале на север.

Гевгелија е нарекувана македонски Лас Вегас, бидејќи во Гевгелија и нејзината околина има голем број на казина, меѓу нив и едно од најдобрите казина на Балканот - „Казино Фламинго Хотел"

Гевгелија како град почнала да се развива уште од средината на 19 век, кога населението од овие краеви ја почуствувало потребата да создава современа населба во помош на на минувачите-трговци и да биде домаќин на нивните патувања кон Блискиот Исток со многубројни анови.

Не смее да се занемари фактот дека Гевгелија е излезот на Република Македонија во Европската Унија.